Вера Винтер (1923 – 2015)
Вера Винтер е родена како Вера Баришиќ во 1923 година во Гламоч. Потекнувала од учителско семејство кое, во периодот на Кралството Југославија, често го менувала своето место на живеење. Почетокот на Втората светска војна ја затекнала во Загреб, каде што Вера Баришиќ започнува со студиите по економија. Поради критиките кон тогашната усташка власт, издржала едномесечна казна во затворот во Петрињската улица. Крајот на војната го дочекала во Загреб.
Откако дипломирала економија и по краткотрајното вработување, добива директива да оди во Белград на работа во едно од сојузните министерства. По објавата на Резолуцијата на Информбирото, еден од нејзините надредени е уапсен како симпатизер на Сталин, а агентите на УДБА ја испрашуваат. Во текот на испрашувањата наивно кажала дека го слуша Радио Москва, по што набрзо била уапсена. По вообичаената тортура во истражниот затвор во Белград, на 29 април 1950 година е депортирана во женскиот логор на Св. Гргур. Во логорите на Голи Оток и на Свети Гргур поминала полни 36 месеци. Според евиденцијата на УДБА, на слобода е пуштена на 22 јуни 1953 година. Поради оваа „дупка“ во биографијата, успеала да добие работа како магационерка во претпријатието „Катран“ и долго чекала да добие место кое одговарало на нејзината стручна подготовка и компетенции.
Првпат за своето искуство како затвореничка на Голи Оток прозборела во 1989 година. Нејзиниот сопруг Габриел Винтер исто така бил затвореник на Голи Оток, но како што сведочела, на своите синови никогаш не им зборувале за логорашкото искуство.
„Оној кој тепаше најјако, најбрзо излегуваше надвор. Оние кои даваа отпор остануваа најдолго, но сите бевме тепани и сите тепавме други. Сите ние таму бевме доведени на ниво на егзекутори. Сите ние таму направивме компромис со својата совест. Затоа е ужасно тешко да се зборува за тоа и затоа со години по излегувањето се срамевме. И по излегувањето се плашевме. Што и да сте стореле, можело да прерасне во нешто лошо по вас.“
*Текстот е преземен од веб-страницата на уметничкиот проект „Вие ја издадовте Партијата тогаш кога требаше да ѝ помогнете“ . Ѝ се заблагодаруваме на раководителката на проектот Андреја Кулунчиќ и на нејзините соработници за отстапените материјали.