Зошто е потребен виртуелен водич за Голи Оток?

За фондацијата Фридрих Еберт, институција која се занимава со политичко образование, историјата е секогаш место за учење – оној кој се соочува со историјата треба да го стори тоа со двоен когнитивен интерес: пред сe да разбере што и кога, зошто и со какви последици, но и да извлече поуки од историјата за сегашноста и иднината. Фондацијата, со својот Оддел за историја, даде огромен придонес во проучувањето на историјата на фашизмот во Германија, историјата на работничкото движење и неговите централни протагонисти и социјалната историја.

Следејќи го патот на критичката историска наука, Фондацијата Фридрих Еберт, со овој виртуелен водич, се подготви да придонесе за разбирање на настаните на малиот јадрански остров – Голи Оток – и да овозможи да се извлечат поуки од опишаните настани, структури и врски за сегашноста и иднината.

Ќе бидеме среќни ако читатели го посетат Голи отoк и притоа го почувствуваат човечкото страдање кое се случи таму меѓу убавините на природата. Справувањето со историјата на Голи Оток придонесува да не се заборават страдањата на затворениците меѓу 1949 и 1956 година. Посетителите на островот на тој начин ќе сфатат дека не е прифатливо да им се одземе слободата на луѓето, бидејќи мислат поинаку од владетелите. Конечно, се надеваме дека овој виртуелен водич ќе ве охрабри да се залагате за слобода, солидарност, а воедно и против неправдата и репресијата – без оглед каде ќе се случат. Притоа, свесни сме дека Голи Оток не може да ги симболизира сите оние места во светот каде што се случиле далеку поголеми ужаси. Би сакал да им се заблагодарам на авторите на публикацијата, Мартин Превишиќ, Владо Бралиќ и Борис Стамениќ, кои го направија ова важно историско истражување достапно за поширок круг читатели. Исто така, би сакал да ѝ се заблагодарам на Весна Ибришимовиќ за графичкиот дизајн на публикацијата и на Бланка Смољан од Фондацијата Фридрих Еберт за нејзината посветена работа во позадина, без која оваа брошура немаше да се појави.

Туркан Каракурт

Директор на канцеларијата на фондацијата Фридрих Еберт во Загреб