Петар Kомнениќ (1895 – 1957)
Петар Kомнениќ е роден во село Пилатовци покрај Никшиќ. Татко му бил Тодор Комнениќ, свештеник и капетан, односно началник на локалната власт во Кнежевството и Кралството Црна Гора. Основно училиште завршил во родниот крај, додека гимназија запишува во Белград. Во Белград се запишува на Филозофски факултет, каде што се насочил на студии по историја.
Со почетокот на Балканските војни се пријавува за борба, а во текот на Првата светска војна, тогаш како студент, се бори во војската на Кралството Србија. По заробувањето, дел од војната ја поминал во унгарскиот логор за воени заробеници Болдогасоњ, од каде што успеал да избега и да се префрли во Швајцарија.
Набрзо по завршувањето на војната и по создавањето на Кралството СХС, во 1919 година ѝ се придружува на КПЈ. Во меѓувоениот период важел за истакнат интелектуалец, а како професор по историја живеел во повеќе градови во Југославија. Во Сараево е мобилизиран во војската на Кралството Југославија, каде што ја дочекал капитулацијата како заповедник на баталјон.
По распадот на југословенската војска во Априлската војна, се враќа во родното село, каде што набрзо станува еден од главните организатори во подготовката за Тринаесеттојулското востание и ги предводи бањско-вучедолските вооружени единици. Кон крајот на 1941 година учествува во Пљеваљската битка, за во 1942 година да стане командант на Ловќенскиот партизански одред. Со јакнењето на единиците на НОБ и со формирањето на Петтата црногорска пролетерска бригада, тој ќе биде поставен за командант на Третиот баталјон. Во текот на воените 1942/’43, се запознал и станал близок пријател со поетот Иван Горан Ковачиќ, кој му ја посветил песната „Нашата слобода“.
Во текот на војната станува заповедник на бихаќко-цазинската област, а едно време и заповедник на собирно воено подрачје за Херцеговина. Меѓутоа, најзначајната улога ја одиграл како делегат на Првото заседание на АВНОЈ и на Првото заседание на ЗАВНО на Црна Гора. Поради своите заслуги, кон крајот на 1944 година е именуван за член на претседателството на ЦАСНО.
По ослободувањето на Црна Гора, првин е поставен за потпретседател на Владата на Федерална Црна Гора, 1945-1946 година, и за министер за социјална политика. Потоа ја извршува функцијата Претседател на Уставотворното собрание во 1946 година и Претседател на Народното собрание на Црна Гора, од 1947 година до 21.1.1949 година, кога е уапсен.
Изјаснувајќи се за Резолуцијата на ИБ, тој бил еден од првите затвореници на Голи Оток. Комнениќ е упатен во „Радилиште“ или „Логор 101“, комплекс наменет за „елитата на југословенски ибеовци“. Во текот на едно од испрашувањата, истражителите му рекле дека е во воспитно-поправното работилиште бидејќи морал да ги ревидира ставовите. На тоа Петар одговорил дека тоа не е никаво работилиште, „туку обична дупка“. И понатаму се прифаќа дека поради Петар Комнениќ, овој локалитет го добил името Петрова дупка.
Петар Комнениќ е пуштен на слобода во 1954 година. По враќањето во Никшиќ, се соединил со жената и син му, кои во текот на тие години биле изолирани од општеството. Починал на 18 ноември 1957 година, во 62-та година од својот живот, во болницата за белодробни болести Брезовик покрај Никшиќ.
Една од улиците во Никшиќ го носи името на Петар Комнениќ.