Зошто го негуваме споменот за Голи Оток?
Голи Оток е место обележано со репресија на илјадници лица приведени на островот од југословенскиот комунистички режим. Негостољубивиот и ненаселен остров меѓу Раб и Сењ е едно од најсимболичните места во модерната историја на Хрватска, односно поранешна Југославија. Но, од поранешниот логор, подоцна затвор на Голи Оток, остануваат само трошни и уништени згради каде што пасат овци во зима, а на лето туристите шетаат во потрага по искуството на „Јадранскиот Алкатраз“ што им го продаваат туристичките агенции и локалните сопственици на бродови.
Иако скоро сите во Хрватска слушнале за Голи отoк, малкумина можат да кажат повеќе од неколку значајни реченици за тоа. Една од поважните причини за овој диспаритет е недостаток на обемни научни истражувања за Голи Оток. Со објавувањето на книгата „Историја на Голи Оток“ од д-р Мартин Превишиќ на почетокот на 2019 година, беше направен голем чекор напред во научното истражување на оваа значајна тема. Сепак, книгата на Превишиќ во своите шестотини страници, во голема мера ја надминува потребата за информирање на просечниот посетител, односно пошироката јавност.
Овој водич е создаден во соработка со д-р Мартин Превишиќ претставува краток вовед во политичката историја на Голи Оток и водич за делот од островот што посетителите го посетуваат најчесто. Резултатите од долгогодишното научно истражување на д-р Превишиќ им се презентира на читателите на разбирлив и едноставен начин, погоден за читатели кои немаат претходно познавање за Голи Оток или на политичката историја на Хрватска.
Покрај обезбедувањето основни информации за логорот, подоцна затвор на Голи Оток, целта на овој водич е да ги охрабри читателите да размислуваат за идеолошки мотивираното насилство низ различните режими на Хрватска во 20 век. Во исто време, сакаме да ја потенцираме важноста на зачувување на човековите права и слободи на секоја индивидуа, а притоа да ја поттикнеме емпатијата кон жртвите на политичко и идеолошко насилство.
Сметаме дека јавното образование со поттикнување на критичко размислување и јавен дијалог се основни постулати за градење на социјално свесни граѓани подготвени да се спротивстават на казнувањето на слобода на говорот, мислењето и делувањето во рамките на уставниот и правниот поредок. Со овој водич за Голи Оток, ние сакаме да придонесеме кон градење на општество засновано врз демократски и граѓански вредности, општество во кое Голи Оток никогаш повеќе нема да му се случи.
Д-р Борис Стамениќ
Kоординатор на програмската област „Култура на меморијата“ во здружението „Documenta – центар за справување со минатото“