Драготин Густинчич (1882 – 1974)
По образование инженер, Драготин Густинчич се афирмирал проучувајќи ги теоретичарите на марксизмот уште во првите години од дејствувањето на КПЈ, а во 1923 година, прв меѓу југословенските комунисти истапил против српските централистички тенденции и за федералистичко уредување на комунистичките партии, кое подоцна превладеало во Комунистичката партија на Југославија. Како Приморец, во меѓувоениот период бегал од насилството на италијанските фашисти, неколкупати бил затворан. Повеќе од една година поминал во истражен затвор за време на Шестојануарската диктатура. Во 1931 година емигрирал во Москва, учествувал во Шпанската граѓанска војна како припадник на интернационалните бригади, а по враќањето во Москва главно се занимавал со проучување на националните прашања на Балканот.
Во Југославија се вратил во февруари 1945 година, очекувајќи дека за својата работа во комунистичкото движење ќе биде награден со важни политички позиции во новата земја. Меѓутоа, водечките комунисти го потиснале од политичката сфера и го поставиле за прв декан на Економскиот факултет во Љубљана. Отфрлен од политичките струи, Густинчич им упатил на водечките словенечки комунисти неколку писма во коишто ги критикувал, од коишто најдолго е она од мај 1947 година што му го упатил на водечкиот партиски идеолог Едвард Кардељ. Густинчич сметал дека раководството на КПЈ се оддалечило од почетната точка на теоретичарите на марксизмот-ленинизмот и набројувајќи ги грешките, се прашувал како е можно такви грешки сè уште да се случуваат во Југославија, и по сите анализи на Маркс, Енгелс, Ленин и Сталин.
Поради критиките, во август 1947 година Густинчич е повикан на партиско сослушување во Белград, по што е исклучен од Партијата. По почетокот на распадот на односите помеѓу Југославија и Советскиот Сојуз, Густинчич е уапсен веќе во април 1948 година, бидејќи неговите критики биле слични со оние коишто, на сметка на југословенското раководство, ги изрекле Информбирото и водечките советски комунисти. Со оглед на тоа дека во времето на објавувањето на Резолуцијата на Информбирото тој веќе бил во затвор, наводно дознал за неа дури кога во јуни 1950 година е префрлен од затворот на Голи Оток. Таму е подложен на тешки мачења бидејќи, заедно со други важни комунисти од старата генерација, е сместен во „Петровата дупка“. Поради тешка болест, пуштен е во март 1951 година. Во текот на издржувањето на казната за малку ќе го изгубел видот, но за да можел да излезе на слобода, морал да напише покајувачко писмо на ЦК КПЈ, кое е објавено на 13 јуни 1951 година во гласилото на КП Словенија „Људска правица“. За својот престој на Голи Оток не објавил никакво сведоштво, но кога во 1958 година бил повторно затворен, запишал:
„Пред сè сакам да нагласам дека не сум се изјаснил за познатата Резолуција на Информбирото од 1948 година бидејќи веќе бев уапсен на 18.4.1948, а таа резолуција е, како што е познато, првпат објавена на радио дури на 28.6.1948, и за неа дознав дури по две години.“