Голи Оток – место од регионално значење
Автентичните места имаат важна улога за културата на сеќавања и за пренесување на историските настани. На Голи Оток биле затворани луѓе од сите краеви на тогашна Југославија. Следствено, ова место има големо регионално значење.
На различни начини Голи Оток е присутен во свеста на многу луѓе. Историјата на островот-затвор е предмет на филмови и на книжевни дела, за него говори и величествената книга „Кога Нина не знаела“ на израелскиот писател Давид Гросман. Сепак, и покрај тоа, постојат многу дупки во знаењето за Голи Оток. До денес, Голи Оток останал тема која постојано се инструментализира и се злоупотребува за националистички цели. Преку содржината на овој водич, сакаме да му се спротивставиме на ваквото делување.
Прашањата од доменот на политиката заземаат важно место во активностите на политичкото образование на Фондацијата „Фридрих Еберт“. Поврзано со Голи Оток, од една страна, тоа подразбира зачувување на сеќавањата на луѓето кои, поради различни политички причини, биле затворани на ова место и кои страдале во ова место. Од друга страна, тоа означува потреба за разбирање на сложената историја на Голи Оток. Единствено врз основа на диференцирано набљудување, со користење најнови истражувачки податоци, може да се постигне целта за соочување со ова место и со различните фази на неговото постоење и да се придонесе кон разбирање и помирување.
Проектот на виртуелен интерактивен водич, изворно инициран од страна на регионалната канцеларија на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Загреб, од 2021 година почнавме да го надградуваме во повеќејазична регионална понуда на содржини. Во текот на оваа година, веб-страницата, која досега нуди содржини на девет јазици, ќе биде дополнително проширена. Притоа, тежиштето лежи врз изработка на дополнителни кратки биографии и образовни материјали. Целта е страницата да се направи активно и достапно место за информирање на оние кои се заинтересирани за историјата и место кое наставничките и наставниците ќе можат да го користат за изведување настава.
Во оваа смисла, се надеваме дека веб-страницата и понатаму ќе биде предмет на растечки интерес. Срдечно им се заблагодаруваме на сите оние кои придонесоа кон овој проект и продолжуваат да го прават тоа. Особено му се заблагодаруваме на тимот „Документа“ и, поединечно, на д-р Мартин Превишиќ и на д-р Борис Стамениќ, за нивниот ангажман и нивното големо стручно знаење. Исто така, им се заблагодаруваме за одличната соработка на колешките и на колегите од загрепската канцеларија на Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Сараево, јули 2022.
д-р Ралф Мецзер
Раководител на Регионалната канцеларија Dialogue Southeast Europe на Фондацијата „Фридрих Еберт“