Јелена Халец Хаџикан (1919 – 1992)
Јелена Халец е родена во 1919 година во меѓиморското село Горичани, во многучлено семејство на угледен занаетчија. Во 1937 година, на осумнаесет години, заедно со сопругот Антун Хаџикан го напушта својот роден крај и доаѓа во Загреб, каде што се вработува како работничка во фабрика. Вџашена од бедата на пролетерскиот живот, се приклонила кон комунистичките идеали на праведно и егалитарно општество.
Во 1938 година ја добила ќерката Олга. По дактилографскиот курс, се вработува како чиновничка во Хигиенскиот завод. Набрзо се поврзала со ослободителното движење и сè до 1944 година, на партизаните тајно им испраќала лекови, медицински прибор, па дури и рентген-апарати. Притоа таа го ризикувала сопствениот живот, како и животите на членовите на сопственото семејство.
Во КПЈ е примена во 1942 година. По упадот во министерството, Јелена Хаџикан бремена заминува во партизани, каде што кон крајот на 1944 година го родила синот Слободан. Не криејќи го разочарувањето поради многуте кариеристи и полтрони кои ги запознала помеѓу партизанските водачи, уште во текот на војната заклучила „дека тие луѓе никогаш нема да изградат вистински социјализам“. Токму поради тоа разочарување, Јелена Хаџикан јавно се определила за Резолуцијата на Информбирото летото 1948 година. По ова е исфрлена од Партијата, разрешена од должноста советник, отпуштена од работа и, заедно со семејството, исфрлена од станот што се наоѓал на Шалатa.
На 2 ноември 1948 година е уапсена и по девет месеци поминати во истражниот затвор главно во самица, осудена е на две години „административна казна“. Во август 1949 година, со вагони за стока, таканаречени фургони, доаѓа во Белград, од каде што со група политички затвореници ја преместуваат во Рамски рит. Во овој мочуриштен подунавски крај, затвореничките деноноќно копале канали за наводнување, но поради силниот ветер и кал, нивната работа била залудна и, главно, бесмислена. Јелена била изложена на физичко насилство од управата и другите затворенички, бидејќи не се откажувала од своето уверување во оправданоста на критиката на сметка на Тито и КПЈ.
Во март 1950 година, со првата група затворенички, во придружба на истражителката Марија Зелиќ, префрлена е во женскиот логор на Свети Гргур, а потоа на Голи Оток. Постојано била изложена на „бојкот“ од страна на затвореничките, бескрајна низа од посрамотувања, понижувања, казнувања, миење на умот и физичко исцрпување бидејќи не ги почитувала барањата на управата за „ревидирање на ставот“ и не можела, ниту сакала да ги тепа останатите казненички. Повеќето жени во книгата „Женски логор на Голом Отоку“ сведочат дека Јелена Хаџикан била подложена на најголем терор, но и дека предизвикувала општа почит како олицетворение на комунистичка правдољубивост и доследност.
И по пуштањето на слобода на 3 јануари 1953 година, по четири и пол години затвор и логор, Јелена Хаџикан не била слободна и мирна граѓанка. Поради своето досие на политички затвореник (42 страници), го променила работното место кај тринаесет загрепски претпријатија. Соработниците на УДБА, а подоцна на СВР, ѝ го следеле секој чекор, ја затворале кога во Загреб доаѓале важни политичари, а со уцени ѝ се заканувале и нејзе и на нејзините деца, Слободан и Олга, кои, најпосле, емигрирале во Канада. До крајот на животот Јелена страдала од психички проблеми и пореметувања, а најдобро се чувствувала во природен амбиент, во куќичката во лозјето околу Сесвет. Во интервјуто за белградскиот новинар Јован Петричевиќ кон крајот на 80-тите години, изјавила: „Во 1948 бев она што ќе бидам до крајот на мојот живот – комунист.“
*Текстот е преземен од веб-страницата на уметничкиот проект „Вие ја издадовте Партијата тогаш кога требаше да ѝ помогнете“ . Ѝ се заблагодаруваме на раководителката на проектот Андреја Кулунчиќ и на нејзините соработници за отстапените материјали.