Жени Лебл (1927 – 2009)
Жени Лебл е родена во граѓанско семејство на секуларни Евреи во Алексинац во 1927 година, а од 1932 година до Втората светска војна живеела во Белград. Таткото, рударски инженер, е однесен во германско заробеништво како офицер на војската на Кралството Југославија, веднаш на почетокот од Втората светска војна, а мајката, бабата и бројни други членови на семејството настрадале во логорот Сајмиште. Жени и нејзиниот брат Александар успеале да го избегнат прогонот на Евреите бегајќи од Белград – Жени се сокрила во Ниш во декември 1941 година, под лажно име, кај Јелена Главашки, која е добитничка на признанието Праведник меѓу народите, а Александар Лебл, по криењето во Сплит, се нашол во логор на Раб, каде што во 1943 година, по падот на Италија, им се придружил на партизаните.
Под лажното име Јованка Лазиќ, Жени е уапсена на почетокот на 1943 година и однесена на присилна работа во Третиот Рајх, а ослободувањето го дочекала во берлинскиот затвор на Гестапо. По враќањето во Белград, затекнала нови станари во семејната куќа, а благодарение на упорноста, знаењето јазици (германски, руски, француски) и челичната волја завршила гимназија, започнала студии по право и запишала Новинарско-дипломатска висока школа и паралелно работела како соработник на „Политика“. По Резолуцијата на Информбирото во летото 1948 година била обвинета за „клевета против народот и државата“, бидејќи кажувала вицеви за Тито, како што е „љубичица бела од сто кила“. Меѓутоа, како и во други слични случаи, вистинската причина била клеветење од страна на колеги од редакцијата кои претендирале на местото дописник од Париз, за кое била предложена Жени.
Испрашувана и мачена е во Главњача, а по изрекувањето на административната казна, упатена е во женскиот „логор за превоспитување“ во Рамски рит, Забела, Гргур и на Голи Оток. Според евиденцијата на УДБА, во логорите престојувала од 28 април 1949 до 30 август 1951 година. По враќањето во Белград не можела да најде работа, па во текот на годините барала дозвола да замине во Израел, каде што најпосле заминува во 1954 година и ја продолжува борбата за нова егзистенција. На поттик од Данило Киш, кој со Александар Мандиќ го снимал документарниот филм Гол живот (1989) за судбината на жените на Голи Оток и на Свети Гргур, ја напишала и ја објавила книгата Љубичица бела (1990), на истата тема.
„Врз грбачот на свети Гргур, било испишано она класично прашање Да се бие или не? Ако биеш – ќе бидеш. Ако не биеш – ќе бидеш биен.“
„Добивме бодликава жиџа. Требаше самите себеси да се оградиме, не знам зошто. Подобра бодликава жица од морето немаше.“
„Срамните страници на историјата треба да бидат запишани… за иднината. За да не се повтори.“
*Текстот е преземен од веб-страницата на уметничкиот проект „Вие ја издадовте Партијата тогаш кога требаше да ѝ помогнете“. Ѝ се заблагодаруваме на раководителката на проектот Андреја Кулунчиќ и на нејзините соработници за отстапените материјали.