Елиџо Занини (1927 – 1993)

Елиџо Занини е роден во 1927 година во Ровињ. Во 1948 година во Пула, станува активен член на СКОЈ (Сојуз на комунистичката младина на Југославија), но по објавувањето на расколот помеѓу Тито и Сталин, одлучил да се тргне од политичкото делување, со исклучок на неговата работа во одделението за култура и образование. Неговата одлука да истапи од Комунистичката партија и остане неопределен во судирот помеѓу Тито и Сталин го чинела слобода. Уапсен е од страна на сојузната Управа за државна безбедност (УДБ) од Пула во почетокот на 1949 година во Риека, каде што посетувал курс по марксизам за наставници. Истиот ден е затворен во Пула, каде што е подложен на испрашување. По пола година поминати во затворот, префрлен е на Голи Оток. Осуден е на административна казна од 13 месеци.

По доаѓањето на Голи Оток, бил принуден да работи врз изградба на логорот. Набрзо по неговото доаѓање, условите за затворениците се влошиле. Заедно со други затвореници, присилен е на тешка физичка работа со тепање и идеолошко превоспитување. По седум до осум месеци во логорот, на Занини му била понудена можност да потпише изјава за својата определеност кон Тито во замена за пуштање од логорот. Тој одбил да потпише таква изјава, по што уследил уште посуров третман на којшто бил изложен. Дури откако доживеал колапс од исцрпеност, започнал да добива нешто помалку напорни работи, како што била грижата за садниците на островот. По повеќе од две години престој на островот, пролетта 1952 година е префрлен на присилна полугодишна работа врз изградба на железничка пруга во Босна и Херцеговина, каде што останал до есента истата година.   

По враќањето во Пула, неговиот живот засекогаш се променил. Три години бил под строг надзор, со обврска да ги пријавува своите активности. Во почетокот работел како магационер, но веројатно благодарение на своето образование, набрзо успеал да се вработи како сметководител. Од 1959 година работел како наставник во основното училиште во Савудрија, каде што помагал во обновувањето на месното италијанско културно друштво. Во шеесеттите години завршил студии по педагогија, по што работел во основното училиште во Балe близу Ровињ. Починал во Пула во 1993 година.