Драган Озрен (1908 – 1951)
Драган Озрен е роден како Драган Милер во Травник, на 3 април 1908 година, во граѓанско семејство. Пораснал во Осиек, а како гимназијалец станал марксист. Во 1926 година, Милер заминува во Прага, каде што запишува студии по архитектура на Високата техничка школа. Во Прага станува соработник на списанието на чешката авангарда, но се вклучува и во работата на чехословачката и на југословенската комунистичка младина. Во 1930 година е уапсен во Прага, на барање на југословенската амбасада, која бара негова екстрадиција.
И покрај големата кампања за негово ослободување, тој не е екстрадиран, но морал да ја напушти Чехословачка, а во средината на 1931 година се сели во СССР. Таму тој го зема името Драган Озрен. Бидејќи бил полиглот, бил испратен на работа во редакциско-издавачкото одделение на Комунистичката интернационала. Во Москва се дружи со интелектуалниот крем на комунистичкото движење и работи како пропагандист за антифашистичките сили во текот на Шпанската граѓанска војна и на Втората светска војна. Уапсен е за време на Сталиновите големи чистки во 1938 година, но набрзо е пуштен. Во 1944 година се приклучува кон Црвената армија и, како дел од нејзината Прва југословенска бригада, се враќа во Југославија.
Недолго по ослободувањето, тој е уапсен во Белград од страна на ОЗНА, под сомнение дека работи за советската тајна служба. Ова било случај без преседан, со оглед на тоа дека бил државјанин на СССР – сојузник на Југославија. По пуштањето на слобода, работи во издаваштво во Белград. Во 1948 година е уапсен поради врски со советската разузнавачка служба и поради поддршката на Резолуцијата на Информбирото за која, според некои извори, јавно се изјаснил. Осуден е на административна казна од 24 месеци и испратен на Голи Оток, каде што се нашол во „Петровата дупка“. По сведочењето на повеќе логораши, здравствената состојба му се влошила како последица од претепувањето од страна на стражарите, по што, најверојатно по едно од претепувањата, е префрлен во болницата во Риека, каде што починал на 27 февруари 1951 година. Како причина за смртта се наведува срцева миопатија. Погребан е на загрепскиот Мирогој.