Kадри Халими (1921 – 2001)

Kадри Халими е роден во село Црница близу Гњилане, на 9.2.1921 година. Девет години пред неговото раѓање, неговиот дедо бил организатор на востанието против српската окупација. Како ученик на Големата медреса во Скопје, Халими станал комунист и се зачленил во СКОЈ. Во 1942 година бил основач на првата ќелија на КПЈ во Гњилане. По ослободувањето, Халими се запишал на факултет и во 1950 година станал првиот Албанец кој дипломирал етнологија на Универзитетот во Белград, каде што станал асистент на Отсекот за етнологија и објавил збирка албански народни песни од Косово и Метохија.

Халими бил уапсен на 10.5.1952 година и осуден на двогодишна казна затвор на Голи Оток. Неговото апсење не било предизвикано од Резолуцијата на Информбирото, туку од незадоволството од положбата на албанското национално малцинство во Југославија. По пуштањето на слобода на 6.7.1954 година, Халими работи како кустос во Музејот на Косово и Метохија. И покрај прогонот, тој ја продолжува својата политичка активност и во 1960 година, со други Албанци голооточани, го основа Револуционерниот комитет за обединување на албанските области во Југославија и Албанија.   

Повторно е уапсен во 1961 година, овој пат како водач на Антиревизионистички револуционерен комитет за ослободување на Косово. Оваа организација, со поддршка на Енвер Хоџа, се обидувала да ги обедини сите албански сепаратистички организации. Халими останал на робија до 1968 година, а големите студентски протести од таа година вклучувале, меѓу другото, тој да стане пратеник од редовите на косовските Албанци. Иако во педесеттите години, по напуштањето на Голи Оток, сè уште можел да објавува научни трудови под свое име, по апсењето во 1961 година тоа повеќе не било случај.

Во деведесеттите години Кадри Халими работи во Албанолошкиот институт во Приштина, којшто од 1994 година функционира илегално поради репресиите од страна на српските власти. Блиско соработува со Ибрахим Ругова, претседателот на Демократскиот сојуз на Косово. Во тоа време и непосредно по војната на Косово, објавува серија научни трудови од областа на етнологијата, културната антропологија и фолклористика. Починал во Приштина на 19.10.2001 година.