Миљуша Јовановиќ (1917 – 1991)

Миљуша Јовановиќ била сестра на Арсо Јовановиќ, првиот началник на Генералштабот на Југословенската народна армија. Како припадничка на Првата пролетерска бригада, учествувала во Игманскиот марш кон крајот на јануари 1942 година. Поради измрзнување на стапалата останала инвалид. По судирот на Тито со Сталин во јуни 1948 година, генералот Јовановиќ ја прифатил Резолуцијата на Информбирото и, со уште двајца офицери, се обидел да избега во Романија. Загинал при судир со граничната патрола на 11 август 1948 година. Неговата сестра, која никогаш не ја прежалила смртта на својот сакан брат, е уапсена набрзо по овој настан. Во тоа време таа била на раководна позиција во Сојузот на воените инвалиди.

Во истражните затвори поминала скоро две години. Според евиденцијата на УДБА, во женските логори на Голи Оток и на Св. Гргур престојувала од 2 октомври 1950 до 6 февруари 1954 година. Драгослав Симиќ го објавил сведоштвото на Миљуша во книгата Женскиот логор на Голи Оток. Исповеди на казненичките и на иследничките (Женски логор на Голом отоку. Исповести кажњеница и иследнице, Драгослав Симић и Бошко Трифуновић, прир., Београд, ABC Product, 1990). Симиќ на следниов начин го сумира своето доживување на оваа извонредна личност: „Во мојата професионална кариера Миљуша е сосема посебна личност, зазема почесно место, со неверојатна, филмска биографија. Ѝ припаѓала на Комунистичката партија до крајот на својот живот, би се рекло како „верна на партијата“, на онаков занесенички начин, токму како од романот на Николај Островски Како се калеше челикот.“

 „Во 4 часот станување, па строј, па стој, па пребројување, па тогаш миење во морето кобајаги, па се враќате, малку ви даваат качамак, па тогаш одите на работа, цел ден на работа, па сонце, па бура, па тоа е бура до коска… но, најлошо беше тоа кога дваесет минути [лежите] во кревет, а дваесет минути стоите [ве будат]… седумнаесет пати тоа ме закачи мене во една ноќ.“

*Текстот е преземен од веб-страницата на уметничкиот проект „Вие ја издадовте Партијата тогаш кога требаше да ѝ помогнете“. Ѝ се заблагодаруваме на раководителката на проектот Андреја Кулунчиќ и на нејзините соработници за отстапените материјали.