Ева Грлиќ (1920 – 2008)

Ева Израел е родена во 1920 година во Будимпешта, во сефардско-ашкенаско семејство. Од големото семејство, холокаустот го преживеала само таа, ќерката Весна Домањи и чичко ѝ Моше Израел. Со оглед на тоа дека меѓу партизаните делувала како политички работник, уредувала билтени и работела во редакциите на весниците Гласило АФЖ-а за Славонију, Вјесник и Напријед, по војната се вработила како новинарка во редакцијата на загрепскиот весник Напријед. Таму го запознала Данко Грлиќ, со кого се венчала во 1946 година, а следната година го родила синот Рајко. Во време на расколот со Советскиот Сојуз, Данко Грлиќ е уапсен и затворен на Голи Оток. Наскоро потоа уапсена е и Ева, и тоа во два наврати. Во првиот налет им е одземен станот, а Ева ја пуштиле од затвор по осум месеци. Ја изгубила работата, останала бездомничка, ќерка ѝ Весна завршила во детски дом, додека грижата за двегодишниот Рајко ја презел чичкото и прабабата. Откако нејзиниот сопруг бил пуштен на слобода, Ева била повторно уапсена поради една реченица со која изразила незадоволство, по што е осудена на затвор на Голи Оток, каде што поминала две години.

Според евиденцијата на УДБА, во женските логори на Голи Оток и на Св. Гргур престојувала од 5 мај 1949 до 30 јануари 1953 година. Како што напишала во книгата Сјећања (Сеќавања), покрај 16 заби, на робија изгубила и секаква надеж во системот во којшто верувала како млада. До пензија работела во фабриката „Катран“, првин како обична работничка, а потоа како секретарка и уредничка на фабричкиот весник. Во пензија преведувала од германски и од унгарски јазик, пишувала раскази и објавила мемоарска книга Сеќавања (Сјећања, 1997) и книга со раскази Патникот за Краков и други раскази (Путник за Kраков и друге приче, 2002).

(…) по голооточкото искуство ја изгубив самодовербата. Бев преплашена. Се плашев гласно и нецензурирано да ја искажам својата мисла живеејќи во уверување дека секој мој збор ќе биде јавен таму каде што не треба. Уште сега имам фикс-идеја дека сè што говорам секогаш и секаде се прислушкува… Стравот, меѓутоа, повеќе и не е нешто свесно, тој со време се вовлекува во потсвеста и станува тешко избришлив… Таков страв може да биде и изговор за каква било похрабра и почовечка постапка (Сјећања 1997: 275)

*Текстот е преземен од веб-страницата на уметничкиот проект „Вие ја издадовте Партијата тогаш кога требаше да ѝ помогнете“. Ѝ се заблагодаруваме на раководителката на проектот Андреја Кулунчиќ и на нејзините соработници за отстапените материјали.