Владимир Владо Дапчевиќ (1917 – 2001)

Владо Дапчевиќ е роден во 1917 година, во Љуботиња кај Цетиње. Одел во Гимназијата во Цетиње, од која е исклучен поради организирање штрајк на учениците. Како шеснаесетгодишник станува член на СКОЈ, а набрзо првпат е уапсен поради ширење комунистички летоци. Следната, 1934 година, станува член на КПЈ, а веќе во 1935 година поминал некое време во затвор поради „револуционерни активности“. Како последица на неговото делување, му било забрането да се запише во сите училишта во Југославија. Во текот на масовните демонстрации на комунистите во Црна Гора во 1936 година, повторно е уапсен и во затворот во Сараево поминува четири месеци. По излегувањето од затворот, полицијата го приведува при обид за заминување во Шпанија, каде што веќе се борел неговиот постар брат Пеко Дапчевиќ. 

Властите му дозволиле да матурира во 1939 година, по што се запишува на Технолошкиот факултет во Белград. Во текот на судирите со конкурентското студентско здружение на Димитар Љотиќ – Југословенското народно движење ЗБОР, ранет е во глава. За време на Априлската војна се затекол во Белград, но набрзо преминува во Црна Гора, каде што учествувал во подготовките за Тринаесеттојулското востание. Според некои наводи, тој го испукал првиот востанички куршум.

Учествува во Пљеваљската битка, во која е ранет. По Рудо и Игман, повторно е ранет во 1942 година. Како командир на повеќе чети и баталјони, учествува во битките на Неретва и на Сутјеска. Во текот на војната, поради спротивставување кон Партијата, неколкупати бил исклучуван, за подоцна да биде враќан во нејзините редови поради искажаната храброст во борбите. Од војната излегол со чин потполковник и бил делегиран на местото наставник во Вишата партиска школа. Во текот на 1947 година, поставен е за началник на Управата на ЈНА за агитација и пропаганда, за следната година да учествува на Петтиот Конгрес на КПЈ.

Определувајќи се за ИБ, во август 1948 година, со црногорските генерали Арсо Јовановиќ и Бранко Петричевиќ заминува во лов во околината на Вршац, што требало да послужи како изговор за пребег во Романија. Бидејќи планот бил спречен, во текот на обидот да се премине границата доаѓа до инцидент во којшто страда Јовановиќ, а Петричевиќ е уапсен. Владо Дапчевиќ успева да стигне до Белград, од каде што уште еднаш се обидува да ја помине границата. Во текот на неуспешниот обид за премин преку границата со Унгарија, тој е уапсен.

Во истражниот затвор поминал скоро две години, по што е осуден на 20 години робија. Од јуни 1950 година до декември 1956 година, бил во логорите Стара Градишка, Билеќа и Голи Оток. Во личното сведоштво навел дека, и покрај тешката тортура, не се откажал од своите политички убедувања. 

Во 1958 година, со група истомисленици бега во Албанија, по што заминува во СССР. Не поминало долго време кога влегол во судир со советските власти. Првин во 1962 година, поради намерите да собере доброволци да заминат за Куба, а потоа и во 1965 година, поради спречување да се придружи на борбата на комунистите во Виетнам. Следната година го напушта СССР и заминува во Западна Европа, каде што, за да преживее, работи тешки физички работи. Во следните неколку години, повеќепати е апсен и протеруван од Франција, од Белгија, од Холандија и од Швајцарија.

За ова време се поврзува со радикални марксистичко-ленинистички партии во Западна Европа и одржува врски со „ибеовци“ во Источна Европа. Со оглед на продолжувањето на политичкото дејствување, во 1973 година доаѓа до неуспешен обид за негова ликвидација од страна на југословенските тајни служби. Меѓутоа, југословенските власти не сакале така лесно да се откажат од него. Во текот на собирот на „ибеовци“ во 1975 година во Букурешт, а врз основа на договорот на највисоко ниво помеѓу Југославија и Романија, припадниците на југословенската тајна служба го киднапираат. Притоа се убиени двајца негови придружници.

 „Ми ги искршија забите, ми го исекоа јазикот, ми го одраа грлото, ми ги искршија ребрата и ми ги повредија сите внатрешни органи… На крајот ми ставија некаква марама во устата и во носот. Потполно ја изгубив свеста. Се разбудив другиот ден навечер во белградскиот Централен затвор, во една ќелија во сутеренот.“

Во судскиот процес во Југославија е осуден на смрт, по што казната му е преиначена на 20 години затвор. Од самица е пуштен на слобода во 1988 година, по што веднаш бил протеран од земјата. Останатиот дел од животот го поминал во Белгија, но често доаѓал во Југославија и во Црна Гора. Во текот на 90-тите бил активен учесник во антивоената кампања и голем противник на Слободан Милошевиќ. Починал на 12 јули 2001 година во Брисел.