Бранка Вајл (1922 – 1978)

Бранка Вајл е родена во Сараево. Бидејќи мајка ѝ ја остава веднаш по раѓањето, нејзиното воспитување го презема нејзиниот татко Фриц Вајл, син на Арпад Вајл од Бијелина. Но, Бранка го поминува детството селејќи се од семејство во семејство, како дете посвоено на одредено време. Додека татко ѝ патува низ Европа занимавајќи се со образовна и со филантропска работа, Бранка пристигнува во Загреб, каде што се запишува во класична гимназија, а нејзина професорка и класна раководителка е д-р Љуба Косар, професорка по француски и хрватски, која во 1935 година службено ја посвојува тринаесетгодишната Бранка. За време на Независната држава Хрватска, благодарение на статусот на д-р Љуба Косар, Бранка успева да преживее и покрај своето еврејско потекло. Запишува студии по француски јазик и книжевност, како и хрватскосрпски јазик и југословенска книжевност.

Во 1941 година, нејзиниот татко Фриц Вајл станува жртва на усташките расни закони во концентрациониот логор Јасеновац. Освен Фриц, во Јасеновац е убиен најголемиот дел од семејството Вајл. По Втората светска војна, Бранка започнува да работи како новинарка. Така се запознава со Иван Фурлан, исто така новинар и само што пристигнат од партизанска борба. Во 1948 година Иван е уапсен и спроведен на Голи Оток, а наскоро потоа е уапсена и Бранка, исклучиво поради нејзината врска со него. На Голи Оток Иван поминува две години, додека Бранка таму останува три години, наводно поради „лошо однесување“, т.е. неподготвеност да учествува во мачењето затвореници.

По излегувањето, Бранка се вработува во градската библиотека во Загреб, каде што го формира и го раководи детското одделение со години. Бранка станува членка на бројни интернационални жирија за избор на најдобра светска детска книга. На повик на многу библиотеки, со години патува во различни европски градови, каде што се занимава со воспоставување и со подучување за нејзиниот систем на каталогизација во локалните библиотеки. Добитничка е на многу награди и признанија во својата струка.

Умира на 56 години од рак на ’рбетот – нејзините здравствени проблеми започнале уште на Голи Оток.

*Текстот е преземен од веб-страницата на уметничкиот проект „Вие ја издадовте Партијата тогаш кога требаше да ѝ помогнете“. Ѝ се заблагодаруваме на раководителката на проектот Андреја Кулунчиќ и на нејзините соработници за отстапените материјали.