Ѓина Маркуш (1920 – 2006)

Ѓина Маркуш е родена во 1920 година во трговско семејство во Цетиње. Уште како гимназијалка била привлечена кон комунистичките идеи. Како и многу млади црногорски и југословенски комунистки, во тоа ги следела машките членови на семејството. Се подготвувала за студии по медицина во Белград кога во 1941 година Италијанците ја окупирале Црна Гора. Поради илегалната работа и поддршката на комунистите, многу брзо се нашла во фашистичкиот затвор Богданов во Цетиње. Поради борбените активности во партизанските редови, била повторно заробена и интернирана во логор сè до капитулацијата на Италија, за повторно преку Словенија да се врати и да им се придружи на партизаните во завршните акции на ослободувањето на Црна Гора и на Југославија.

Од војната ќе излезе како млада комунистка со признание за беспоштедна посветеност кон антифашистичката борба и револуција. По војната, Ѓина Маркуш добива политички доверлива работа на поштенска службеничка во Белград. Повоениот живот го започнува исполнета со ентузијазам за обнова и изградба на земјата и во однос на колективната посветеност кон остварувањето на револуционерните идеали. По објавата на Резолуцијата на Информбирото од 1948 година, мажот на нејзината сестра, воениот офицер Видо Ѓурашковиќ, извршил самоубиство во Белград бидејќи знаел дека му претстои апсење и депортација на Голи Оток. Недолго потоа уапсена е и Ѓина, под обвинение дека печатарските букви од поштата ги праќала во странство поради антијугословенска пропаганда. Ѓина била една од многуте комунистки кои во ова време се бунеле против „дипломатските магацини“ што го најавиле повоеното класно раслојување и формирање на црвената буржоазија.

Уапсена е во 1949 година и некое време поминала во истражниот затвор Главњача во Белград, а потоа е однесена на Голи Оток и на Св. Гргур. Од логорот е пуштена во 1952 година. До смртта не успеала да се приспособи кон „нормалниот живот“. Страдала од тешки и долготрајни несоници и често запаѓала во состојби што наликувале на кататонија (неподвижност, згрченост на телото, молчење). Лечена е во повеќе психијатриски установи.

Во 1989 година ги напишала (необјавените) мемоари за деновите поминати на Голи Оток и на Св. Гргур. Починала во 2006 година, од прекумерна доза на апчиња за спиење.

Застанав и се вкочанив, од страв не можам да се движам. Ме турнаа во строј и започна тепањето. Од едната и од другата страна се редеа удари со тупаници. Така слаба, не издржав ни два метра, почнав да паѓам, но тие ме поткренаа и продолжија да ме тепаат, како да се натпреваруваа која ќе тепа повеќе и подобро. Тепаат и плукаат, а тоа ми беше најтешко, најстрашно, мрсулави плуканки се лизгаа по моето лице, раце, коса…

*Текстот е преземен од веб-страницата на уметничкиот проект „Вие ја издадовте Партијата тогаш кога требаше да ѝ помогнете“. Ѝ се заблагодаруваме на раководителката на проектот Андреја Кулунчиќ и на нејзините соработници за отстапените материјали.